Насилството врз жените е присутно во сите култури, региони, земји и општества, а неговите корени лежат во нееднаквата распределба на моќ и нееднаквите можности помеѓу мажите и жените, како и во континуираното дискриминаторско однесување кон жените во сите сфери на општественото
живеење. Насилството претставува сериозен општествен проблем и затоа е од суштинско значење да се разбере и третира. Насилството врз жените се разбира како „кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените и ги означува сите акти на родово засновано насилство коишто доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и закани за такви акти, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот“ (Истанбулска Конвенција).