Податоците презентирани во оваа брошура се резултат на новинарско истражување кое во себе интегрира новинарски и академски методи со цел да дојде до заклучоци за состојбата на новинарите во источниот дел
на Македонија. Истражувањето беше фокусирано на новинарите и нивниот финансиски аспект, на почитувањето на работните односи во медиумите во
Источна Македонија и условите во кои работат медиумите. Дел од истражувањето опфати и аспекти на новинарите и невладиниот сектор односно аспекти за тоа што може граѓанскиот сектор да направи во насока на подобрување на состојбите со медиумите и новинарите и обратно – како
новинарите и во која насока можат да го подржат и подобрат цивилниот сектор во државата. Од истражувањето произлегоа четири истражувачки стории, две дебати – гостувања на локални и регионални
медиуми поврзани со темите и оваа публикација. Истражувачките стории кои следуваат потврдуваат дека новинарите во Источна Македонија работат за минимални
плати, без можности за годишен одмор, без слободни денови во текот на неделата и дека во најголем дел од медиумите не се почитува законот за работни односи.
Истражувањето покажува дека и националните радио-дифузери не го почитуваат во целост Законот за работни односи, но и дека Македонската радио телевизија и Македонската информативна агенција се далеку под стандардите кои треба да ги исполнуваат како Јавни
информативни претпријатија. Ова новинарско истражување има оправданост од општествен аспект затоа што е прво од ваков вид кое сеопфатно ги покажува условите во кои новинарите во Источна Македонија работат.