Ова истражување произлезе како резултат на долгогодишната соработка која се воспостави помеѓу Македонското здружение на млади правници од Македонија, НВО Праксис од Србија, Ваша Права од Босна и Херцеговина, ИПЦ од Хрватска, ЦРПК од Косово и Информативен центар од Црна Гора. Сите овие организации, работејќи секоја посебно на проекти поддржани од страна на Високиот Комесаријат за бегалци на ОН, во 2012 година дојдоа на идеја секојдневната меѓусебна соработка да ја подигнат на повисоко ниво, а на заеднички состанок одржан во Сараево ја формираа мрежата WEBLAN. Основната цел на мрежата е заштита, промовирање и унапредување на човековите права; заедничка борба против дискриминација и социјална исклученост во земјите од Западен Балкан, познат како жариште на бегалски кризи, внатрешно расселување и регион со широко распространета дискриминација.