Со влегувањето во сила на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета во ноември 2012 година, се воведе граѓански-правна одговорност за клеветата и навредата со што беше регулирано прашањето на надоместокот за нанесената штета на честа или угледот на физичко или правно лице кое е засегнато од клеветничко или навредливо изразување. Една од главните цели на овој закон беше да се избегне појавата на
самоцензура кај новинарите и медиумите која произлегува од можноста новинарите кривично да одговараат за објавен критички говор кон носителите на јавни функции. Ваквиот став беше застапен во препораките на Советот на Европа и забелешките на Европската комисија изнесени во извештаите за остварениот напредок на Македонија.