Центарот за граѓански комуникации навлезе во втората деценија од своето делување. Наместо пригодна публикација за досегашната работа, за многуте спроведени проекти, истражувања, публикации и промени што ги поттикнавме и ги предизвикавме со нашето работење насочено кон поголема транспарентност, отчетност и одговорност на властите, се решивме за малку поинакво одбележување на јубилејот. За секоја од областите во кои делуваме, побаравме од неколку видни познавачи на состојбите однатре, од луѓе што секојдневно се занимаваат со тие области, да направат еден пресек – како стојат работите во оваа, 2016 година. Станува збор за областите: граѓанско општество, транспарентност, антикорупција, трошење на јавните пари и истражувачко новинарство. Видувањата и анализите за овие области треба да ни послужат како ’репери‘ или како ’почетна состојба‘ од која треба да тргне развојот во годините што доаѓаат.