Полиција водена од систем на заслуги и на квалификации или партиски интереси?
Целта на овој документот е да се даде анализа на состојбите во однос на системот на кариера и на обука на полицијата во Република Македонија и, во исто време, да понуди мерки за решавање на постојните проблеми и за постигнување соодветни стандарди во оваа област. Полицијата постои за обезбедување на безбедноста и за заштита на граѓаните, но притоа треба да се води од принципот на добро владеење и на почитување на човековите права, како и од други принципи што претставуваат сложен систем од демократски вредности, кои вклучуваат: успешна организација на дејствувањето, исполнување на основната должност, брзина на акцијата, точност, прецизност и квалитет на услугата, јасно разграничување на дејноста, коректно однесување во комуникацијата и нагласено почитување на личноста на граѓанинот. Во процесот на градење на демократска држава и владеење на правото, државните институции во Р. Македонија во изминативе три децении се соочуваа со бројни и различни предизвици. Еден од тие предизвици, секако, беше процесот на
воспоставување професионална, демократска, транспарентна и добро организирана полициска организација. Беа преземени бројни законски и организациски реформи за реструктуирање на македонските полициски сили во согласност со принципите и со идејата за демократска и граѓански ориентирана државна служба. Сепак, многу често позитивните ефекти од спроведените реформи не беа видливи или не секогаш
беа спроведени на вистинскиот начин. Нефункционалната поделба на видовите власт и широко распространетите појави на влијание на политичките партии врз органите за спроведување на законот, силно се одразија врз функционирањето и врз организациската поставеност на македонската полиција.