Постојат бројни примери во различни земји, а и кај нас, кои покажуваат дека демократизацијата на општеството и на власта, секогаш е поттикнувана и следена од зголемен степен на слобода и еднаквост во јавната комуникација. Оваа врска е особено зајакната како последица, од една страна, на „медијализацијата“ на политиката односно на фактот дека политиката се повеќе се одвива преку медиумите, а од друга страна, како последица на технолошките промени во медиумите кои резултираат со вонредно зголемени можности за јавно комуницирање во општеството. Ваквите промени ја намалуваат разликата во комуникациската моќ меѓу власта и општеството, постојано зголемувајќи ги комуникациските можности и капацитети на граѓанинот. Оттука, како никогаш до сега, демократијата не зависела толку многу од слободарскиот капацитет на јавната комуникациска сфера.