Неформалното образование (НФО) во голема мерка го има поминато својот пат на признавање, валидација, верифицирање и прифаќање во земјите членки на Европската унија, и пошироко во светот. Тоа е составен дел од образовниот циклус во животот на еден човек, и добива своја валидација во професионалниот дел од неговиот/нејзиниот живот. Ова особено претставува точна констатација за таканаречените стари демократии и за „старите земји членки“ на ЕУ, пред источното проширување на ЕУ. Истражувањето во рамките на проектот „Препознавање и афирмација на неформалното образование во Република Македонија“  воглавно се однесува на истражување и анализа на развојот на политиките и практиките во сферата на неформалното образование во Европа, како и анализа на состојбата и практиките кои веќе се развиени и постојат во доменот на НФО кај граѓанскиот сектор, македонскиот контекст и моментален статус на НФО и улогата на невладиниот сектор, како чинител во НФО.