Во период на зголемени страсти на национализам во Македонија, каде политиката и институциите станаа слуги на национализмот,се јавува потреба од менување на парадигмата. Национализмот како идеологија со свои одговори и решенија на проблемите, се наметна како доминантна идеологија во јасно нагласен чекор со неолиберализмот. Со императивот дека националните прашања се најбитни, националистичката парадигма ги контаминираше сите останати подрачја на политичката сфера, со што создаде своевиден монопол врз политичкиот живот, а со тоа и врз интерпретациите на проблемите со економска, културна и политичка природа. Како и секој национализам така и овој во Македонија, повторно ги отвори затворените историски прашања, давајќи нови одговори со една националистичка вредносна вертикала.