Медиумска саморегулација и меѓусекторска комуникација во функционирањето на Советот за етика на медиумите на Македонија – декември 2017
Моќта и квалитетот на саморегулацијата, несомнено, зависат првенствено од тоа дали новинарите на индивидуално ниво, организации и самата индустрија ги прифаќаат етичките и професионалните принципи. Медиумите и медиумските работници треба постојано да се поттикнуваат да ги почитуваат стандардите на професијата, меѓутоа, исто така, е важно и на кој начин тоа ќе се направи. За да се зборува за ефикасност на медиумската саморегулација, како механизам со кој може да се избегне претерана регулација и воведувањето нови регулаторни рестрикции на слободата на изразување и слободата на медиумите, треба
да се погледне и големата слика, односно во кои општествено, политички и економски услови таа се спроведува. Тука спаѓа и соработката меѓу повеќе чинители во општеството, заради трансформација на нивните различни интереси во активна мобилизација и ангажираност, со што би се постигнало искористување на капацитетите од секој поединечен актер.