Дел од секојдневните дискриминаторски практики кон припадниците на маргинализираните групи се репродуцираат и во медиумите, било преку текст и говор кој дерогира, навредува или омаловажува, било преку други стратегии за маргинализирање или исклучување од медиумските дискурси. Од друга страна, медиумите произведуваат и дискурси кои настојуваат да ги идентификуваат проблемите во врска со дискриминацијата и социјалното исклучување на припадниците на маргинализираните заедници. Имено, некои медиумски дискурси ги репродуцираат постоечките дискриминаторски практики, а некои, пак, можеме да ги третираме како дел од социјалните практики кои се обидуваат да ја елиминираат дискриминацијата кон маргинализираните групи – како дел од борбата за еднакви човекови права.