Во рамки на јавните финансии на ЕУ, апсорпцискиот капацитет се дефинира како ниво до кое една држава (членка на ЕУ или не) е способна да ги искористи овозможените (алоцираните) финансиски средства од буџетот на ЕУ, и тоа на начин кој ќе создаде значителни резултати (т.е. на ефективен и ефикасен начин). Искуството покажува дека државите имаат ограничен апсорпциски капацитет за искористување на фондовите на ЕУ, а оттука произлегува идејата дека неговото надградување претставува посебна област
за истражување и поширока политичка активност. Во текот на 1990-тите години, ЕУ ѝ има доделено значителна финансиска помош на Република Македонија низ разни програми, како што се: ECHO,
Obnova, PHARE, Програмата за реакција при непригоди и како поддршка на платниот биланс. Во периодот од 2001 до 2006 година, Република Македонија има примано финансиска поддршка од ЕУ во рамки на програмата CARDS. Главна институција за раководење со таа поддршка била Европската агенција
за обнова EAR (European Agency for Reconstruction – EAR). Од крајот на 2005 година, Република Македонија има статус на држава-кандидат за членство во ЕУ. И покрај забелешките во однос на спроведувањето на препораките дадени во годишните извештаи за остварениот напредок, Европската комисија има
давано препораки за започнување на претпристапни преговори со Република Македонија. Сепак, заради политички причини, државата сé уште ја нема започнато таа следна фаза од процесот на пристапувањето кон ЕУ. Така, почнувајќи од 2007 година, Македонија е корисник на претпристапна помош од ЕУ во рамки на нејзиниот Инструмент за претпристапна поддршка наречен ИПА (Instrument for Pre Accession Assistance – IPA).