Како до интегрирано образование во Република Македонија?
Културната различност во Република Македонија е вградена во темелните одредби на државноста, а нејзината заштита и промоција е поттикната и со процесите на интегрирање на земјата во Европската Унија и во НАТО. Почитувањето на правата на различните етнички групи е гарантирано со Уставот и со законите на Република Македонија. Гледано низ призмата на демографијата, различностите можат да се користат како предност за Република Македонија. Сепак, општествената интеграција и инклузија се покажаа како предизвик за Република Македонија, која по една деценија постоење како независна држава беше втурната во етнички конфликт помеѓу двете најголеми етнички заедници, македонската и албанската, кој заврши со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и промени во уставното уредување и легислативата во поглед на правата на немнозинските заедници во државата.