Итните реформски приоритети побавни од реставрирањето на нереформските практики!
Со ставањето потпис на Договорот од Пржино, во јуни 2015 година, четирите најголеми македонски партии-потписнички „се договорија да ги спроведат сите препораки од Европската комисија за системските прашања од владеењето на правото“. Со тоа, партиите практично „на невидено“ ги прифатија итните реформски приоритети, уште пред тие да се објават, во јуни 2015 година. Ако во јавноста е малку појасно што значи спроведувањето на политичкиот договор, многу малку или воопшто не е јасно што значи „значителен напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети“, не само во пошироката јавност, туку и кај оние што непосредно треба да ги спроведуваат. Така, тие се сведуваат на нејасна колективна имагинација за нивното значење, на претпоставки исомнежи дали зад таа сентенција се крие шифра или клуч за конкретна акција или е тоа само небитна бирократска фраза.