По завршувањето на предвремените парламентарни избори одржани на 11 декември 2016 година, проектниот тим на Отворете ги прозорците спроведе четири фокус групи со лица со различен тип на попреченост: интелектуална попреченост, оштетен слух, оштетен вид и телесна попреченост. Целта на ова мини-истражување беше да се добијат информации за искуствата на лицата со попреченост во врска со нивното учество во изборниот процес, како и да се сумираат нивните размислувања за можните подобрувања на инклузивноста на изборите. Преку фокус групите беа опфатени 28 лица, од кои 13 од женски и 15 од машки пол. Возраста на учесниците се движеше од 18 до 38 години. Четирите фокус групи беа спроведени во Скопје. Начинот на спроведување на фокус групите беше прилагоден на потребите на учесниците. На пример, за групата со лица со оштетен слух беше ангажиран толкувач на знаковен јазик.