Појавата на интернетот придонесе за влез на многу нови играчи во областа на информирањето на јавноста за дневно-политичките настани, економските текови и други прашања од интерес за пошироката јавност. Покрај новинарите што и формално го носат таквото звање, а одбрале своето известување да го објавуваат на интернет, на сцената стапија и голем број нови играчи, како што се блогерите и граѓанските новинари. Иако самите себеси можеби не се нарекуваат новинари, тие во голем број случаи de facto се занимаваат со новинарство, сфатено првенствено како известување на јавноста за прашања од нејзин интерес.