Целта на оваа студија е да ги истакне значењето и придобивките од финансиската едукација, пред се кај младите во Република Северна Македонија, а со тоа и да поттикне создавање на финансиски систем кој ќе генерира поквалитетни финансиски производи и услуги, кои обезбедуваат социјална вредност и ја ограничуваат можноста за финансиски измами, манипулации и злоупотреби.

Клучната додадена вредност на оваа студија е емпириската анализа на степенот на финансиска писменост и финансиска инклузија во Република Северна Македонија.

Резултатите покажуваат дека нешто повеќе од 70% од испитаниците не покажале доволно финансиско знаење во сите утврдени области. Со други зборови, за финансиски писмени може да се сметаат само околу 30% од испитаниците, при што само 6% имаат високо финансиско знаење.

Иако истражувањето остава простор за подлабока анализа, добиените резултати претставуваат солидна основа за преземање на конкретни чекори во насока на подигнување на општото ниво на финансиска писменост на населението во Република Северна Македонија.