Наративот на современиот пристап на економска анализа се сведува на оценка не на морално-етичкиот аспект на социо-економската активност во една економија туку на описна економија. При тоа се земаат во предвид ограниченоста на ресурсите преку крива на ограничување за да се ограничат сите бесконечни можности но ретко, многу ретко се земаат во предвид и елементи кои се рефлексија на самата човечка природа т.е. на она што е познато како animal spirits во економијата. Исто така, претежно рамката која се претпоставува е Парето оптимумот без да се земе во предвид дека и целосна нееднаквост е исто така Парето оптимум. Понатаму, дали само механичкото мерење на производството и доходот е најважното при релативната споредба за тоа како сме живееле минатата година или за тоа како да се споредиме со други економии? На пример, се мери активноста на маркетинг за алкохол и активноста на јавната администрација (преку инпутот) но не и ефикасноста, вредноста на семејниот труд, нееднаквоста, социјалните аспекти на долгорочната невработеност или незадоволството од загаденоста од воздухот.