Правото на култура е човеково право утврдено во меѓународното право и во домашното право во Република Македонија. Како и за другите права, така и за ова, стожерен принцип што се применува е принципот на еднаквост и недискриминација, како и принципот на учество/партиципативност. Еднаквоста во заштитата,
промовирањето и унапредувањето на човековите права на припадниците на малцинствата е од клучно значење и таа вклучува и обезбедување посебни услови и воведување посебни мерки и механизми за практикување на истите од страна на малцинствата. Покрај столбот на недискриминација, во врска со малцинските права постои и идентитетскиот столб кој се однесува на зачувување и промовирање на сопствената култура, на културниот живот и на идентитетот.И за двата столба важен е стожерниот принцип на учество во процесите на донесување на одлуките, без дискриминација, особено на оние кои директно ги засегаат малцинствата.