fbpx
x
Мени

Отворена изложба на креации од пластика

Контакт: Елизабета Ристеска 070 319 318

Локација: НУ Центар за култура „Кочо Рацин“ Кичево

Центарот за развој на заедницата Кичево организира Изложба на креации од пластична амбалажа, на која ќе бидат изложени творби, скулптури од пластична амбалажа, изработени од ученици од трите основни училишта од градското подрачје на Кичево: „Санде Штерјоски“, „Кузман Јосифоски – Питу“ и „Д-р Владимир Полежиноски“.
Настанот ќе се одржи на 31 мај 2017 година (среда) со почеток во 12:00 часот во НУ Центар за култура „Кочо Рацин“, (фоаје на приземје), Кичево.
Во трите основни училишта во рамките на проектот „Иновативни локални алатки и пилот тестирање за селектирање, собирање и рециклирање на ПЕТ пластичен отпад од домаќинствата во Кичево“, беа организирани креативни работилници во кои што децата создаваа креации од пластичен отпад со цел да се покаже дека пластичниот отпад може да се користи за повеќе намени, односно да се покаже неговата реупотребата (или рециклирањето) во пракса.
Преку изложување на креациите од пластика, учениците ќе го претстават „алтернативното“, рециклирање, односно креативно искористување на отпадот. Што се’ може од него да се направи како не би се фрлал туку би се рециклирал употребил за изработка на најразлични творби.
Целта на настанот е и да се укаже за потребата од рециклирањето и реупотребата на пластиката се со цел чиста и здрава околина за сите нас.
Изложбата е дел од проектот „Иновативни локални алатки и пилот тестирање за селектирање, собирање и рециклирање на ПЕТ пластичен отпад од домаќинствата во Кичево“, финансиран од Глобален еколошки фонд – Програма за мали грантови Македонија кој во Кичево го имплементира Здружението Центар за развој на заедницата Кичево во соработка со трите основни училишта (Санде Штерјоски, Кузман Јосифоски - Питу и Д-р Владимир Полежиноски), двете средни училишта (Мирко Милески и Дрита) од Кичево и откупна фирма ЕВРОКОНТАКТИ од Прилеп. Проектот се имплементира во периодот 01 јануари 2017– 30 април 2018 година.