Дебата за средношколско организирање и учество
Младински образовен форум во партнерство со Коалицијата на младински организации СЕГА и Првата детска амбасада во светот Меѓаши, а поддржано од Фондација Песталоци, Ве поканува на средношколска дебата на тема „Овој дом верува дека средношколското организирање (не)гарантира унапредување на образовниот процес“.
На 26-ти декември (вторник) со почеток од 19:00 часот во просториите на Јавна соба ќе се одржи дебатата во рамки на проектот „Имплементација на Конвенцијата на правата на детето“.
Целта на оваа дебата е средношколците да се информираат за средношколското организирање како и да се соберат мислења и ставови во поглед на оваа темата, а и за тоа како организираното средношколско учество ќе влијае на образовниот процес во целина.
Истовремено, на средношколците ќе им се даде можност директно да учествуваат во решавање на ова прашање кое најмногу ги засега нив.
Дебатираат: Тамара Илиоска, Михаил Насковски, Ана Угрова и Јаков Шаревски. По дебатата ќе следнува дискусија.
На овој настан ќе бидат доделени наградите од конкурсот за текстови, слики и видеа на тема средношколско организирање и учество распишан на www.radiomof.mk
Поради ограничен број на места Ве молиме Вашето присуство да го потврдите на https://goo.gl/forms/Km2rWM8ih4ywDtQv1.
За проектот:
Младински образовен форум (МОФ), Коалицијата СЕГА и Првата детска амбасада во светот Меѓаши во соработка со Министерството за образование и наука и поддршка од Фондацијата Песталоци ја започнаа оваа иницијатива која произлегува од утврдената потреба за законско регулирање на ученичкото учество во образовниот систем за да се придонесе кон подобрен квалитет на живот на средношколците и развивање на нивните демократски капацитети и активно граѓанство.
Како граѓански организации кои се релевантни во полето на детски права и учество на младите, отворија процес на консултации со сите засегнати страни преку локални дискусии во 14 градови во Република Македонија со вклученост на 520 луѓе од кои 320 ученици во средните училишта и 200 претставници на менаџмент на средни училишта, подрачни единици на Бирото за развој на образованието, единици на локалната самоуправа и родители.
Повеќегодишното искуство со работа и поддршка на средношколското организирање, како и последните 2 години посветени на директни консултации и дискусии за креирање на законските измени кои ќе го гарантираат учеството на средношколците, резултираа со предлог измени на Законот за средно образование.