Актуелни и поранешни претставници на државните институции, политичките партии и граѓанските организации дебатираа со околу 130 учесници на Националниот форум на Цивика мобилитас на темата „Од граѓански активизам до општествени промени – очекувањата наспроти реалноста“, што се одржа на 15 ноември 2023 година во Скопје.

За искуствата како граѓански активисти, како претставници на институциите кои учествуваат во градењето политики и носењето одлуки, за тоа каква е соработката на властите со граѓанските организации и како таа може да се подобри, зборуваат Фатмир Битиќи, Заменик на претседателот на Владата за економски прашања, Љатифе Шиковска, пратеничка во Собранието на РСМ, Петрит Сарачини, претседател на Институтот за медиуми и аналитика, Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии и Сашо Клековски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Силно граѓанско општество е клучен елемент за демократија која добро функционира“, рече во своето поздравно обраќање Лусјен Егертер (Lucien Aegerter), Заменик амбасадор на Швајцарија во РСМ. Според него, таквото граѓанско општество ги поврзува луѓето со носителите на одлуки, застапува за промени кои се ориентирани кон граѓаните, им дава глас на маргинализираните и ги следи перформансите на државните институции. „Како Швајцарец, знам дека консултациите и инклузијата бараат време. Често слушам дека нема доволно време, ресурси или знаење за да се осигура адекватна консултација, Мојот одговор на ова е едноставен: демократијата е инклузија, консултации, транспарентност и градење консензус. Нема скратен пат“, рече Егертер. 

20231115111218 Mcms4260

Зборувајќи за постигнувањата на грантистите на Цивика мобилитас, Александар Кржаловски се осврна на придонесот кон зајакнувањето на граѓанските организации, кон зголемување на нивната гласност во општеството и воспоставувањето тесна врска со корисниците но и со институциите. „Заедничката цел со поддржаните 324 граѓански организации ни е да ги направиме промените во областите во кои работат“, рече тој.

20231115111007 Mcms4250

Немало да бидам ова што сум денес ако не сум ги поминал годините во граѓанскиот сектор“, рече во своето обраќање Вицепремиерот Битиќи. Тој се согласи со Егертер дека суштината на работењето е вклученоста, а таа бара време. „Не би сменил ништо во редоследот на мојот професионален развој. Животниот циклус мора да не носи низ граѓанскиот сектор за да научиме да правиме нешто за другите, низ бизнис секторот за да научиме да правиме нешто и за себе и на крај, во државниот за да направиме нешто за општеството низ еден институционален и структуриран пристап“, истакна тој.

20231115124023 Mcms4601

Пратеничката Љатифе Шиковска зборуваше за граѓанскиот активизам поврзан со подобрувањето на состојбата на Ромите. „Пробував да ги размрдам прашањата за Ромите како заедница. И тогаш и денес целта се системски промени“, рече таа. Иако не било лесно тие успеале да направат промени и да бидат критични кон институциите. Целта им е поголема вклученост на Ромите во училиштата. „Клучот за излегување од сиромаштијата е вложување во образованието“, смета таа. „Немав амбиции да влезам во политиката, но кога СДСМ ми понуди во 2015 сметав дека тоа е одлична можност за да  придонесам за поголеми промени“.

20231115114731 Mcms4402

Петрит Сарачини, меѓу другото, се осврна на искуството од неговиот ангажман во Владата. „И пред Шарената револуција имало политичари кои доаѓале од граѓанскиот сектор“, рече тој. Но, според него, за оние кои преминале во 2017 се покренала јавна кампања и се барало да се мерат нивните резултати иако се уште не почнале со работа. Сарачини смета дека таквите негативни мислења биле обесхрабрувачки за тие лица. Враќањето во граѓанскиот сектор или медиумите, за него е сосема нормален тек.

20231115132134 Mcms4652

„Како граѓански организации, мораме секогаш да бараме повеќе“, рече Жанета Трајкоска. Таа истакна дека очекувањата од оние кои влегле во власта по Шарената револуција биле големи и затоа разочарувањата се големи. Според неа, иако некои од луѓето влегуваат во партиите со чесна намера, по неколку години им е тешко да ја задржат независноста. „Мислам дека нема лошо во влезот на граѓански активисти во власта, но треба да ги едуцираме политичките партии да ги почитуваат различните мислења внатре“, додаде таа.  

20231115120611 Mcms4458

Зборувајќи за политичките партии, Сашо Клековски рече дека тие во принцип го сакаат просторот за себе. „Таму нема простор за граѓански организации, за синдикати, за бизнис или за верски заедници. За нив има простор само во време на избори“. Сепак, според него, интеракцијата на граѓанските организации политичарите има и благодарение на неа се случиле промени како што е учеството на жените во политиката, институционализирањето на борбата за животната средина и сл. Тој смета дека треба да се овозможи простор за младите во политичките партии. Зачувувањето на интегритетот на оние што влегуваат во политиката е клучно, затоа што од тоа зависи дали ќе се направи промена.

20231115121429 Mcms4493

Во дискусијата што следуваше и панелистите и учесниците се осврнаа на актуелни прашања од работата на граѓанските организации и од интерес на целото општество како што е растечката поларизација по различни основи. Учесниците сметаат дека таа ќе се продлабочува затоа што нема комуникација. Граѓанските организации реагираат, но нема одговор. Кај некои институции изостануваат одговорите на прашањата на ГО преку пристапот до информации од јавен карактер. Учесниците зборуваа и за меѓуетничките односи, за измените во кривичниот закон, измените во законот за медиуми и државното рекламирање итн. „Далеку сме од инклузивно општество“, рече Хајди Штерјова Симоновиќ, директорка на ХОПС, осврнувајќи се на работата со нивните корисници од маргинализираните групи. Таа истакна дека заедно партнерите долго зборуваат потребата да се подобри моделот на државното финансирање. „За континуирано давање услуги мора да има и континуирана поддршка и финансирање“, рече таа. За Марија Савовска, директорка на Акција здруженска главно прашање е дали оваа Влада дискутира за развој и поддршка на ГО? Таа смета дека стратегиите не се спроведуваат и дека е потребен план за оваа тема.

Mcms4672

Во завршниот збор, вицепремиерот Битиќи рече дека недостатокот на визија за тоа каде оди земјава било инспирација за развивање на Националната стратегија која е во завршна фаза. Тој се согласи дека тоа што го имаме во моментов, не е тоа што сме го посакувале. „Граѓанскиот сектор е многу значаен и им порачувам на колегите да продолжат со нивната добра работа и да бидат проактивни“, рече Шиковска. За Сарачини, важно е граѓанските организации да бидат активни за да има поместувања напред. „Со јавен притисок можеме да направиме јавни промени“, рече Трајкоска. Таа е свесна дека промените нема да се случат брзо но, треба да се прават чекор по чекор. Клековски се осврна на капацитетот да се прифатат различните мислења и ставови. „Треба да бидеме способни да ги организираме заедничките цели“, рече тој. Без оглед на разликите во мислењата граѓанското општество мора да се организира за заедничките цели. „Треба да се организираме да видиме што ни е заедничко, што може да постигнеме и да дејствуваме сплотени“, додаде тој.

Mcms4369

Претставниците на граѓанските беа и самокритични па упатија апел до своите колеги за поголема гласност, поинтензивен притисок врз властите и подинамичен граѓански активизам.

Националниот форум е активност на Цивика мобилитас, програма на Владата на Швајцарија. Тој обезбедува простор за дискусија меѓу претставниците на граѓанските организации, институциите и другите чинители важни за решавање на прашањата кои се третираат.