„Депонии – каде и кога“, беше темата на регионалниот форумот кој се одржа денеска во Тетово, на кој учествуваа градоначалници и претставници на граѓанските организации, како и претставници на државни институции. Форумот беше организиран од страна на програмата Цивика мобилитас.

На Форумот се разви широка дебата за големиот проблем со управувањето со отпадот, неговото селектирање и обработка, огромниот број диви депонии, како и за потребата од регионални депонии,  со кои се соочуваат граѓаните од Полошкиот и Југозападниот плански регион на Македонија.

Според претставниците на општините, тие самостојно не можат да направат многу за долгорочно решавање на проблемот со депониите. Теута Арифи, градоначалничка на Општина Тетово, изјави дека е разговарано со Владата да преземе повеќе ингеренции за решавање на овој проблем, затоа што општините поединечно не можат многу да направат на овој план. „Проблемот со отпадот во Македонија може да се реши со отворање три депонии кои ќе ја опслужуваат целата земја“, рече таа. Инаку, според Арифи, поголемиот број депонии ќе го „раситни“ количеството отпад што е клучно за исплатливоста на инвестицијата на било која компанија.

И градоначалникот на Општина Јегуновце, Дарко Блажевски, го делеше ставот дека ниедна општина не може сама да се справува со отпадот. „Потребна е регионална соработка и ангажирање на централната власт“, рече тој.

„Регионалното решение за справување со отпадот е најдоброто, најекономичното“, се надоврза Ана Каранфилова од Министерството за животна средина. Нејзиниот став е дека Владата може да помогне во изнаоѓање решенија, како и средства, но управувањето со отпадот е обврска на општините. Сепак, според Каранфилова, трошоците за управување со отпадот треба да ги сносат граѓаните.

Фатмир Саити рече дека Центарот за развој на полошкиот плански регион, чиј директор е тој, го оформил регионалниот совет за ова прашање, како и техничката група која го помага заживувањето и функсионирањето на овој совет. Арианит Џафери од Еко Герила истакна дека политичарите не прават доволно за решавање на проблемот со депониите. „Мислам дека освен што е потребно да ги едуцираме граѓаните, треба да ги едуцираме и политичарите“.

На форумот учествуваше и Филип Ивановски од Пакомак. „Се надевам дека ќе постои и политичка волја за решавање на проблемот. Не се секогаш парите проблем. Кога има политичка волја се наоѓаат и парите. Политичката волја на градоначалниците е решавачка“, рече тој. Ивановски истакна дека несовесното однесување со отпадот им се враќа на граѓаните на трпезата, преку нивната храна.

По излагањата на учесниците, се разви дебата за тоа колку политичарите работат на овој случај, како и за конкретни решенија на проблемот со управување со отпад.