Центарот за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ од Гостивар, во партнество со Балканскиот институт за регионална соработка БИРС од Тетово, на 19.12.2017 одржа тркалезна маса чија цел беше вмрежување на новинарите и претставниците од граѓанскиот сектор за подобрување на меѓусебната соработка.
20тина уредници, новинари и претставници од граѓанските организации од Полошкиот регион на Република Македонија беа вклучени во интерактивна дебата, споделувајќи свои видувања на темата. Генерално, новинарите и граѓанските активисти како појдовна точка го зедоа сопственото работење и истакнаа дека самите се потенцијални виновници за она што му се случува на онлајн новинарството во денешно време.
Учесниците на тркалезната маса ги искажаа своите мислења и ставови на оваа тема, а вмрежувањето за сите присутни беше само еден од начините за зајакнување на интегритетот на онлајн медиумите и професионалноста на новинарите.
Ова беше првата тркалезна маса во рамки на проектот „Нови медиуми за стари предизвици“, а следуваат уште три, кои ќе бидат организирани опфаќајќи ги веб порталите и граѓанскиот сектор од преостанатите проектни региони и тоа: Скопскиот, Североисточниот и Југозападниот дел од Р. Македонија.
Проектот „Нови медиуми за стари предизвици“ е финансиран и поддржан од Цивика Мобилитас, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU).