Се обраќаме во врска со злоупотребата на децa во политички цели и нивно присуство на митинзи на политичките партии.

По повод бројните обраќања и жалби од граѓани/ки за политичка злоупотреба на децата пред локалните избори од скоро сите политички партии, Првата детска амбасада во светот Меѓаши повторно ги повикува политичките партии да ги поштедат децата од било какво инволвирање во политичките кампањи и политички маркетинг, без разлика дали се работи за носење деца на митинзи, облекување во обележја од одредена политичка партија, користење деца за делење флаери, или лепење постери, сликање или користење детски мотиви, фотографирање со деца или снимање видеа со деца… за да се добијат повеќе гласови. Тоа не смее да си го дозволи ниту еден политичар или кандидат/ка за изборите.

Политичка злоупотреба на децата подразбира политичка присила и  организирање на децата како инструмент за политички притисок. Да потсетиме дека детето не е објект на кој возрасните ќе му кажуваат што да прави. Детето е рамноправен граѓанин како и сите други и така треба да биде третирано.

Како рамноправни граѓани на оваа држава децата имаат право да бидат информирани што се случува во државата, затоа што ова прашање нив директно ги засега и можеби повеќе и од сите нас возрасните, бидејќи иднината на земјава останува на нив. Но, носењето и учеството на деца како декор на настани со партиска позадина и агенда е политичка злоупотреба на деца за партиски цели. Не дозволувајте децата да бидат предмет на манипулација. Покрај тоа, носењето деца на партски митинзи може да биде трауматично искуство за нив, особено поради вообичаениот фолклор: собирање во толпа, викотници, присуство на вооружени полицајци, голем број непознати луѓе одеднаш, говор на омраза, навреди, омаловажување, поттикнување нетрпелиовст …

Затоа, бараме од политичките партии, кандидатите на локалните избори  за советници и градоначалници, родителите, старателите, да ги почитуват законите и Конвенцијата за детските права.

Уште еднаш да потсетиме дека со Законот за заштита на децата член 12 став (4)  се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување. Во 1991 година Собранието на Република Македонија ја донесе Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба. Во истата се вели: Се забранува секаков вид политичка присила и организирање на децата како инструмент за политички притисок и злоупотреба и изложување на нивната физичка сигурност и здравје.

,Децата се посебен народ. Децата не се национални и верски војсководители. Тие се еден народ кој никогаш не извел револуција или контрареволуција, ниту пак повел војна. Децата не се ни класно ни национално прашање: децата се прашање над сите прашања. Тие се народ кој најмногу страда во воените судири и човековите трагедии. ДЕЦАТА СЕ САМО ДЕЦА.“

(Од Повелбата на Детската амбасада Меѓаши)

Тимот на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ