mladite mozat1Организацијата „Младите можат“ ги поканува сите млади лидери на возраст од 17 до 22 години, кои се подготвени да работат на својот личен развој и да придонесат за позитивни промени во заедницата да се пријават на повикот за учество на кампот за лидери што ќе се организира од 5 до 11 мај 2016 година на Пониква, Осогово.

Организаторот ќе избере 20 млади луѓе од цела Македонија кои ќе имаат можност да го развиваат својот лидерски потенцијал и да стекнат познавања за младинско учество и активизам. Кампот ќе го водат докажани и успешни тренери. Главен предавач на кампот е д-р Лазар Ѓуров, еден од основачите на „Младите можат“, претседател на СИМБИОТИКА, професор по лидерство на Воената академија, вонреден професор на БАС, консултант и обучувач по лидерство во многу познати македонски компании. Програмата вклучува рефлексии и самоевалуација, инидивидуална и групна работа преку која учесниците ќе се стекнат со лидерски вештини (проектен менаџмент, комуникациски и презентациски вештини, детектирање на проблеми), кои ќе можат да ги применат во решавањето на поставени предизвици.

За време на кампот учесниците ќе се поделат на три групи и во текот на јуни, јули и август ќе работат на имплементирање на иницијативи на претходно идентификуван општествен предизвик. Во текот на овие три месеци, учесниците ќе имаат прилика директно да ги применат стекнатите вештини и да влијаат кон подобрување на општеството. Секој од тимовите ќе добие свој ментор кој ќе им биде поддршка при целиот процес на планирање и спроведување на иницијативите. За време на периодот на имплементирање на иницијативите, се очекува од учесниците да живеат или престојуваат во Скопје

Рокот за аплицирање е до 15.04.2016 (23:59). Заинтересираните треба да испратат CV и пополнета пријава на info@youthcan.org.mk. Трошоци поврзани со кампот (сместување, превоз, храна) ќе бидат покриени од страна на организаторот. Избраните учесници треба е да платат паричен надоместок од 900 денари за учество во проектот. За повеќе информации контактирајте со Марија Николоска на marija.nikoloska@youthcan.org.mk

Проектот „Младински лидерски иницијативи“ кој се реализира втора година по ред, има за цел да ги инспирира младите луѓе од Македонија да бидат свесни за својот лидерски потенцијал и да бидат активни чинители во демократското општество. Проектот е поддржан од програмата Цивика Мобилитас, Швајцарскиот национален младински совет и во соработка со SEED Швајцарија и Институтот за индивидувален и организациски развој Симбиотка.