Група млади активисти и волонтери од различна етничка припадност, го исчистија Градскиот парк во Скопје од отпадоци фрлени надвор од местата предвидени за тоа. Акцијата се спроведе на 19 јуни во попладневните часови, во организација на Движењето за едукација и унапредување на дијалогот- ЛЕАД.

„Задоволни сме од тоа како течеше денешната акција. Покрај групата активисти организирана од наша страна, во акцијата се приклучија и други лица присутни во Градскиот парк. Особено не прави среќни тоа што ни се приклучуваат и деца, затоа што кај нив е најбитна свеста за штитење на околината, како и развивањето на меѓуетничката толеранција, имајќи предвид дека меѓу активистите се говореа разни јазици“, изјави Вјоса Ајдини, претседателка на ЛЕАД.

Ова беше првата од планираните седум акции за чистење на разни делови на Скопје и околината,  во наредните седум месеци.

Со оваа акција започна втората фаза на Преоктот „В џеб, ако нема каде друго!“. Првата се реализираше на Водно во текот на минатата година.

Покрај расчистувањето на локациите, акцијата има за цел и да ја крене јавната свест кај граѓаните за зачувување на животната средина. За таа цел, групата активисти носи маици со слоганот „В џеб, ако нема каде друго!“. Исто така, акцијата овозможува младите од различни етнички заедници да работат заедно и да се дружат.

Движењето за едукација и унапредување на дијалогот- ЛЕАД е корисник на мал акциски грант од Цивика мобилитас.