Студентите петта година по ред „застанаа“ на „Станица:Студентска 5.0“ да ги посетат саемот на организации, предавањата и работилниците.  Настанот беше организиран од Младинскиот образовен форум (МОФ), а се одржа на 25 април во „Јавна соба“. Своите активности ги промовираа дваесетина организации а истите ги посетија над 200 студенти.

„Целта на „Станица:Студентска“ е вмрежување и промоција на студентските и младинските организации, поттикнување на студентите да членуваат во организациите и обезбедување предавања кои третираат теми корисни за нив.“ – вели Мартина Илиевска, дел од организаторите.

Предавањата беа фокусирани на теми кои студентите не ги изучуваат во формалното образование а се предизвик и дополнување на нивното знаење.
Професорките Маја Стевановиќ и Зоја Бузалковска зборуваа за новите форми на фашизмот; Марко Кртолица, соработник на Правниот факултет „Јустинијан Први“ одржа работилница за подемот на радикалната десница во Европа; додека професорот Драги Рашковски едуцираше за регулацијата на интернет и заштита на личните податоци. Ивана Петковска од „Учиме право“ програмата на МОФ предаваше за заштита од тероризам и правната рамка со која се спречува финансирање на тероризам.

Преку работилниците за „crowdfunding“ на Иван Јованов и Илија Станковски, работилницата за курсеви на БЕСТ Скопје и работилницата за меѓународно волонтерство за млади, посетителите научија да пишуваат CV, успешно да ги реализираат своите идеи и се запознаа со можностите за едукација во странство. Едукаторите од Х.Е.Р.А. дадоа осврт на темите за кои не се зборува често а потребно е да се справиме со нив – насилство, односи и врски. Посетителите преку Истражувачкото друштво на студенти биолози слушаа за предаторот во македонските шуми – рисот, а преку Македонското друштво на студенти физичари полемизираа за научната фантастика и наука. Стресот како проблем на модерното време беше опфатен од Здружението на студенти по психологија „Психеско“, кои ги научија  посетителите  што е тоа и кои се техниките за справување со него.

Заедничка редакција на млади новинари водена од Радио МОФ го следеше настанот, известуваше и правеше интервјуа со предавачите и членовите на организациите.

Младинскиот образовен форум е корисник на институционален грант од Цивика мобилитас. За повеќе информации околу ова, можете погледнете го нивниот профил.