Повеќе од 35.000 македонски граѓани работат во текстилната индустрија, а 7.000 од нив само во Штип и околината. Работата е тешка, условите се лоши, а платите се на ниво на сиромаштија. Речиси 80% од работниците се жени. Тие работат во фабриките бидејќи немаат друг начин да ги прехранат своите семејства и најчесто не се свесни за своите работнички права. Во 2016 година една од овие работнички беше и Кристина, млада мајка на три деца, која стана свесна за можноста за граѓанска акција, па се здружи со Горан, локален музичар и активист. Заедно со уште неколку нивни пријатели од Штип ја формираа групата „Тивкото мнозинство“ со цел да  ги подобрат животите на локалните текстилни работнички.

Во поранешната држава, Југославија, текстилните фабрики биле во сопственост на државата и се сметале за добро вработување, со плати над просекот, погодности како бенифициран стаж, здравствено осигурување и наплата за прекувремена работа. Денес овој сектор е преполн со мали приватни компании, со отприлика 500 вработени или помалку, а условите за работа се драстично сменети. Спроведеното истражување покажува дека концептот „прекувремена работа“ е вообичаена и неплатена практика, со оглед на тоа што голем дел од нив имаат до 230 работни часови месечно, со цел да ја заработат вообичаената плата, која може да биде ниска и до 120 евра. Многу од работничките воопшто немаат склучено договор и се често отпуштани без писмено образложение. Платеното отсуство е уште еден виртуелен термин, за разлика од доста честото неплатено принудно отсуство кога фабриките се празни бидејќи немаат нарачки за производство. Со малку други можности за вработување во места како што е Штип, работничките се заробени во животен стил кој е блиску до ропство.

Што направија?

Кристина и Горан разбраа дека текстилната индустрија системски не успева да ги заштити правата на работничките, а во најлошите сценарија активно ја експлоатира нивната ранливост. Поради тоа, тие со своите пријатели започнале да ги истражуваат проблемите со цел подобро да ги разберат правните аспекти и да дознаат кои активности можат да ги преземат. Тие разговарале со локалните граѓански организации за тоа како да им помогнат на работничките да се самоорганизираат и со специјализирани групи на вработени да научат за работничките права и за тоа како да ги одбранат истите. Наредниот чекор бил да ја зголемат довербата помеѓу нив и текстилните работнички, како и да ја зголемат свеста кај нив за правата кои ги имаат како вработени.

Сопствениците и постарите менаџери на текстилните фабрики немаат никаков интерес во подобрување на условите за нивните вработени, а имаат особена економска корист од ниските плати и долгите работни часови. Поради ова, тие се противат на организирање на вработените и нивно подобро информирање.

Ова значело дека граѓанските активисти морале да внимаваат да не бидат разоткриени. Затоа, информирањето се одвивало преку неформални разговори со вработените на влезовите од фабриките и покани за нив да учествуваат на социјални настани во локалите во градот. За голем дел од нив, ова било првпат некој да се заинтересира за нивните работнички животи и за првпат отворено дискутирале за тешкотиите со кои биле соочени. Активистите исто така користеле театарски претстави и играње улоги за да им помогнат на работничките да ги разберат сопствените права и врските на пазарот на труд.

Штом се подигнале довербата и свеста помеѓу нив, „Тивкото мнозинство“ почнало да организира форуми каде работничките имале можност да ги споделат своите приказни за лошото вработување, а на некои од форумите поканиле политичари кои биле принудени да седат и да слушаат. На овој начин тие го привлекле вниманието на двајца адвокати кои им помогнале на работничките да добијат пристап до бесплатна правна помош. Исто така, демонстрирале зголемена солидарност помеѓу работничките во различни фабрики, со тоа што 1000 работнички се придружиле на „Маршот на работничките мантили“ во центарот на Штип во декември 2016 година, поддржувајќи две фабрики кои навистина штрајкувале.

Каква поддршка мобилизираа?

Како активен граѓанин на Штип, Горан има искуство во работење со локалната граѓанска организација „Фондација за локален развој на заедницата“ и истото го искористил за да се посоветува и информира за мобилизацијата и користењето на канцеларија. Тој и Кристина ја разбрале важноста од детална анализа на широкиот распон на информации за правните и економски аспекти од работењето во текстилната индустрија. Во тоа доста им помогнала комуникацијата и состаноците со „Кампањата чиста облека“, која е интернационална алијанса посветена на подобрување на работните услови и охрабрување на текстилните работници ширум светот. Исто така, имале потреба од финансиска помош за покривање на  трошоците за правни работи, за истражување и оние за печатење флаери и други материјали за подигнување на свеста. Така, успешно аплицирале за мал грант од Цивика мобилитас.

Што се променило? Што понатаму?

Со преземање активности за да ги одбранат правата на текстилните работнички во Штип и другите градови во регионот, „Тивкото мнозинство“ успешно ги ставиле на политичката агенда проблемите со правата на вработените и искоренувањето на платите на сиромаштијата во текстилната индустрија. Не само локалните, туку и политичарите на централно ниво прават напори за да ги зголемат платите и да осигураат поефективно почитување на законските одредби за работа, што понатаму води до санкционирање на сопствениците на одредени фабрики поради забележаните нерегуларности.

Нивните храбри постапки водат до зголемена вклученост на интернационалните организации „чувари“ на текстилната индустрија во Македонија, а што е поважно, на овој начин се охрабруваат и самите работнички преку штрајкови да ги притиснат сопствениците на фабриките да ги почитуваат работничките права.

Кристина мобилизираше голем број работнички и заедно ја основаа организацијата „Гласен текстилец“. Таа е менторирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија и има стратегија да прерасне во организација која ќе ги зајакне текстилните работнички. Нивниот план е ова да го постигнат преку зајакнување на солидарноста преку градење мостови со други локални, национални и интернационални организации, преку фокусирање на промоција на волонтерството и тренинзи за нејзините членови, учење за тоа како подобро да ги истражат проблемите со вработувањето и како да користат докази во правните постапки, како и основање на социјално претпријатие заради одржливост на работичката организација.

Горан и неговите колеги пак, се фокусираат на тоа како правниот систем може да биде подобрен во корист на вработените и да се осигураат дека работничките права ќе останат високо на политичката агенда. Тие работат со поддршката на Националниот демократски институт на нацрт на амандманите за законот за работни односи.

Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка- Swiss Agency for Development and Cooperation, кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU).

За повеќе информации околу Цивика мобилитас контактирајте не на +389 2 3088 995 или на helpdesk@civicamobilitas.mk.