“Откако моите родители дознаа дека сум хомосексуалец, мајка ми ме однесе на четири психијатри. Првиот, “за да ме излечи”, ми препиша комбинација од дневни дози на седативи како лексилиум и диазепам “.

“Јас се молам секоја вечер подолго време, да не бидам поинаков, и сега кога ќе сум тажна, се молам, но тоа не функционира, јас сум сеуште иста”.

-Овој цитат беше вовед во првата приказна која ја правев за ЛГБТ заедницата во 2012 година. Беше мачна и тешка не само по форма, приказна која сакав да ја раскажам, вели, Томислав Георгиев, авторот на серија фотографии на оваа тема.

Фото: Томислав Георгиев

Хомосексуалноста е табу во македонското општество, а бројот на луѓе кои излегоа на отворено, обидувајќи се да направат разлика и промена на перспективата, се за почитување. Тоа, вели Георгиев, не е “западно” капиталистичко нешто, што како во комунизмот се веруваше дека се случува во “нивниот” свет, а “лекот” треба да биде насочен кон општеството.

-Сепак контраверзноста на приказната је гледам во тоа што се уште и во 2017 година има потреба да се раскажуваат вакви приказни со цел за поширока дебата, посочува Георгиев.

Луѓето во Македонија треба да сфатат дека разновидноста е факт и прифаќањето е неопходно ако сакаат да бидат рамноправен член на ЕУ и современиот концепт на општеството. Ова е една од новите перспективи и ако земјата ја прифати и ја поддржува, таа ќе стане регионален лидер во оваа област, давајќи им пример на своите соседи кои се повеќе или помалку на исто ниво на развој во однос на заштитата и промовирањето на ЛГБТ права.

Фото: Томислав Георгиев

“Effegies” е концепт за збирка на портрети, генерирани со причина, презентирани со провокација со цел на интеракција, како протест на стероитипите во нашето општество.

Дека треба да се прифатат различностите, да се оттргнат стереотипите смета и доцент д-р Боби Бадаревски од Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет на универзитетот„ Св. Кирил и Методиј“. Според него сите ние припаѓаме некаде и некому: на својот сакан/на, не своите, блиските, семејството, другарите, пријателите, на нашата поблиска заедница, на нашата националност, вера, религија, на човечкиот род.

-Нашата волја да припаѓаме некаде и некому, да бидеме прифатени и да не прифатат, да бидеме препознаени, признаени и да ни покажат должна почит е дел од нашите основните потреби и мотиви како човечки суштества и како личности. Во нашата желба да бидеме префатени и да припаѓаме очекуваме да бидеме прифатени со целата различност на нашата личност, нашата индивидуалност, нашата посебност. Правото да се припаѓа и да се биде прифатен, произлегува од уважување и почита кон нашата различност, зошто ако не сме различни, тогаш, кого прифаќате, кој ви припаѓа? Сигурно не сакате да припаѓате некому или кон нешто безлични, вели Бадаревски.

Фото: Томислав Георгиев

Доцент д-р Бадаревски заклучува: „Токму таа индивидуална различност во припаѓањето еден на друг, нашата толеранција на нашите разлики во мислењето, уверувањата, нашите животни стилови, избори во љубовта, уважувањето застапувањето да бидеме различни е тоа што не прави способни да си припаѓаме, да бидеме заедно, да бидеме заедница, да бидеме човечки суштества. Љубовта и толеранцијата кон разликите на Другоста и Различноста им претходат на нашите права како луѓе. Зашто Љубовта е Прифаќање на различноста, и токму тоа не прави луѓе.“

 

Текстот  и фотографиите се дел од проектот „Маргинални групи – од проблем до придобивка“ на невладината организација Контраста, а поддржан од Цивика Мобилитас