fbpx
x
Мени

Компонента 2

Финансиска поддршка (грантови)

Во Цивика мобилитас е предвидено да се доделуваат четири типови грантови: институционални, акциски (проектни), мали и ад хок грантови. Со оваа поделба се направени напори да се одговори на потребите на повеќето граѓански организации. Грантовите ќе бидат доделувани на три начини: институционалните, акциските и дел од малите грантови ќе бидат доделени преку „повици за предлози“. Процедурата за пријавување за институционалните грантови предвидува и самооценка на апликантите. Изборот на грантисти го врши Комисија за избор на грантови (КСГ), формирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).

Институционални грантови

Овозможуваат финансиска поддршка за институционален развој и организациско јакнење на граѓанските организации. Институционалниот развој се однесува на поддршката која граѓанското општество може да ја даде за развојот на Македонија. Организациското јакнење се однесува на јакнење на организациите во подобрување на нивниот севкупен успех во постигнувањето на нивната мисија, како и за зголемување на поширокото влијание на нивната работа. Во текот на програмата 48 здруженија и фондации од сите осум региони и од повеќе сектори ќе бидат институционално поддржани.

Акциски грантови

Акциските грантови финансиски поддржуваат колективни и колаборативни акции на граѓанските организации за оспособување на нивните конституенти; јакнење на односите со граѓаните, заедниците и пошироката јавност; и за постигнување позитивни општествени промени. До крајот на програмата е планирано да се доделат 45 грантови.

Специфичните акциски грантови, вкупно седум, се наменети за собирање, креирање и споделување знаење за граѓанското општество преку истражувачко-развојни акции за доброто владеење во граѓанските организации, регионалниот развој на граѓанското општество, постигнувањето општествена промена, индексот на граѓанското општество, а ќе се креираат алатки и за информирање и комуникација и за набљудување, оценка и известување.

Мали грантови

Малите акциски грантови ги поддржуваат граѓанските организации кои сакаат да ги промовираат нивните каузи во соработка со другите граѓански организации, граѓаните и властите. Грантовите се доделуваат на повик, во чии рамки е планирано да се поддржат 48 мали акции, а кој е постојано отворен до 30 јуни 2017 г.

Стипендиите се наменети за докторантите кои сакаат да го истражуваат граѓанското општество пред сѐ од аспект на трансверзалните теми на Цивика мобилитас: родовите прашања, меѓуетничките односи и миграциите, но и од аспект на неговото добро управување, децентрализација и развој. Планирано е да се доделат 9 стипендии.

Со мали грантови е планирано да се поддржат и девет практиканти од Швајцарија, со македонско потекло, кои ќе помогнат во споделувањето искуства меѓу македонските и швајцарските граѓански организации.

Ад хок грантови

Се наменети на здруженијата и фондациите, како и на неформалните групи граѓани за поддршка на прашања кои бараат итно внимание и акција во Македонија. Суштината на овие грантови е да се стимулира активно граѓанство.  Грантовите се доделуваат на повик, кој е постојано отворен до 31 март 2018 г. и со кој е планирано да се поддржат 48 ад хок акции.

Грантовите се избираат од страна на Комисија за избор на грантови и Комисија за избор на мали грантови, формирани од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).