Здружението на граѓани „Поддршка“ од Гевгелија е формирано на 13.08.2001 година. Во здружението членуваат: педагози, психолози, социјални работници, психијатри, лекари, правници, социолози  и други лица кои во својата секојдневна работа се среќаваа со бројни проблеми и ситуации кои нас како професионалци не мотивира да го формираме нашето здружение како би можеле посеопфатно и квалитетно да  помагаме и делуваме во регионот. Главна мисија на здружението е „Елиминација на асоцијалното однесување кај младите преку градење и промовирање  на позитивни вредносни системи, поддршка и заштита на младите од дрога, насилство и трговија со луѓе“. Сфера на делување е социјалниот сектор. Во нашата работа доминира превенцијата и сметаме дека со обука и едукација на нашите целни групи ќе се постигне целта која ни е приоритетна  и ќе доведе до саканите промени кај луѓето кон кои целиме.

Конституенти

Согласнo проектната методологија и директниот опфат на жителите во руралните села со помалку од 500 жители, со проектот ќе бидат директно анимирани околу 8000 жители од 30 села во Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово. Во овие села живеат околу 2000 жители од турска етничка заедница, 1500 жители од српската етничка заедница и околу 300 од ромската етничка заедница, а останатите се  македонска националност.

Наслов

И јас сум дел од заедницата

За што е потребна акцијата

Жителите од руралните населени места во овој регион живеат во многу тешки услови од повеќе аспекти, нерешени основни комунални и инфраструктурни прашања, несоодветна и ненавремена здравствена заштита,  неквалитетно образование во несоодветни услови, немање предшколски установи, немање урбанистичко и комунално уредување. Клучното прашање е да ја подигнеме свеста и да ги мотивираме да ја преземат одговорноста за решавање на нивните проблеми но и да им кажеме како тоа да го направат. Жителите во овие рурални населени места не се доволно информирани и едуцирани за формите на граѓанско учество на локално ниво, креирањето на локалната политика.

Цели и резултати

Цел

Подигање на свеста за активно учество во креирање на политиките на локално ниво во руралните населени места, како и интензивирање на соработката со локалната самоуправа  и жителите од руралните средини во четирите општини (Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово) со интерактивна и одговорна соработка на локалната самоуправа.

Резултати

  • Зголемена свест за граѓански активизам во креирање политики на локално ниво;
  • Учество на жителите од руралните средини преку свои претставници во работни тела и комисии на локалните самоуправи;
  • Едуцирани жители за надлежностите и ингеренциите на советот и градоначалникот;
  • Обучени и охрабрени граѓани за формите и механизмите на граѓанско учество и решавање на проблемите на локално ниво и нивно активна вклученост во ЕЛС;
  • Овозможена непосредна комуникација на целните групи и општинската канцеларија за соработка со жителите од овие средини со назначување на  конкретно лице на кое што ќе  можат да се обратат и остварат своите права и потреби;
  • Поголема ангажираност и одговорност на општините во однос на барањата и потребите на граѓаните во руралните средини и увид во бројот на поднесени иницијативи и барања како и бројот на  акциите за нивно разрешување;
  • Подготвен и дистрибуиран материјал/брошура за надлежностите и ингиренциите на советот и градоначалникот како и за начините и формите на нивното учество во донесување одлуки за решавање на локалните проблеми во 1000 примероци.

Активности

  1. Подготовка и печатење на материјал/брошура за надлежностите и ингиренциите на советот и градоначалникот како и за начините и формите на нивното учество во донесување одлуки за решавање на локалните проблеми во 1000 примероци;
  2. Креирање на методологија за обука и информирање на целните групи за надлежностите на советот и градоначалникот, формите за нивно учество во донесување одлуки на локално ниво и вклучување на претставниците од четирите општински канцеларии за соработка со граѓаните кои ќе партиципираат во обуките;
  3. Организирање и реализација на 30 обуки и отворени дискусии со локалното население во 30 рурални населени места под 500 жители за надлежностите и ингиренциите на советот и градоначалникот,  начините и формите на нивното учество во донесување одлуки за решавање на локалните проблеми;
  4. Подготовка и печатење на извештај од проектот со акцент на заклучоците и постигнатите резултати после извршената евалуација на проектните активности;
  5. Мониторинг и евалуација на општинските тела за соработка со граѓаните и увид во примените барања, пријави и предлози на жителите и разрешување и постапување по истите од страна на ЕЛС што  овозможува и одржливост на проектот.

 

Буџет: 399.800 МКД

Времетраење: 10.11.2017 – 09.2.2018