Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство е основана на 7 декември 2010 година, од дваесет граѓански организации кои работат на превенција и борба против насилството врз жените и семејното насилство. Мрежата е формализирана во декември 2011 година. Моментално мрежата има 27 организации членки.

Мисијата на мрежата е координирано делување граѓански организации во насока на унапредување на политиките и практиките за справување со проблемот на насилство врз жените и семејно насилство. Мрежата се стреми кон препознавање на женските човекови права и нивна афирмација во Република Македонија.

Визијата на мрежата е да создадеме општество ослободено од насилство во кое жените ќе можат целосно да ги реализираат своите потенцијали и способност за креирање на општество на еднакви можности.

КОНСТИТУЕНТИ

Граѓански организации кои работат на полето на човекови права /женски права, родова еднаквост, насилство врз жени и семејно насилство (27 организации членки на мрежата, како и Македонска платформа против сиромаштија, Здружение на новинари за човекови права, Платформа за родова еднаквост, Конект, Реактор, Здружение за кривично право и криминологија, Тииит инк)

НАСЛОВ

Насилството врз жените како дел од агендата на политичките партии

ЗА ШТО Е ПОТРЕБНА АКЦИЈАТА

Во текот на изминатата декада нашата држава усвојуваше и ја подобруваше легислативата за да се спречи и да се одговори на семејното насилство. Законите се повеќе го криминализираат таквото насилство, обезбедуваат гонење и казнување на сторителите, јакнење и поддршка на жртвите, како и зајакната превенција. Резултат на тоа е новиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство кој стапи на сила на 1.01.2015 година. Жртвите исто така имаат голема корист и од активностите и специјализираните услуги на граѓанскиот сектор. Сепак семејното насилство не се препознава како родово засновано насилство и односот на македонското општество кон овој проблемот го карактеризира маргинализација и миноризирање на проблемот преку: парцијално постоење на соодветни услуги за потребите на жртвите на семејното насилство; нецелосната територијална покриеност со сеопфатни услуги; тежок пристап до услугите (оддалеченост, трошоци, ограничено работно време; кусок на ресурси во институциите и поединечни случаи на несоодветен одговор); отсуство на сеопфатно и континуирано информирање на жртвите на семејното насилство во сите фази на постапката и кампањско и несообразно на целите информирање и градење на јавната свест. Другите форми на насилство врз жените не се опфатени во ниеден закон, ниту пак се препознаени како форма на родово базирано насилство, па поради тоа и сервиси за заштита на жртвите не постојат.

ЦЕЛИ И РЕЗУЛТАТИ

Цел

Актуелизирање на насилството врз жените како приоритетно прашање во програмите на политичките партии во предизборниот период

Резултати

  • Подготвена предлог политика за превенција и заштита од различни форми на насилство врз жените
  • Потпишана декларација од страна на најмалку 10 политичките партии за унапредување на превенцијата и заштита од различни форми на насилство врз жените

АКТИВНОСТИ

  1. Средба со новинари
  2. Подготовка на предлог политика за превенција и заштита од различни форми на насилство врз жените и лобирање за вклучување на политиката во програмите на политичките партии
  3. Прес конференција за одбележување на Меѓународниот ден против насилство врз жените
  4. Потпишување на заедничка декларација со политичките партии за унапредување на превенцијата и заштитата од различни форми на насилство врз жените
  5. Еднодневна средба со претседателки на женски форуми во рамки на политичките партии

БУЏЕТ

372.000,00 МКД