ПОВИКОТ ЦМ-ФЕЛ-02 Е ЗАТВОРЕН

Цивика мобилитас објавува повик, реф. бр. ЦМ-ФЕЛ-02, за доделување мали грантови за стипендии за докторанди за да им овозможат да го спроведат своето задолжително оригинално истражување кое е обврска за докторската дисертација на теми кои се релевантни за развојот на граѓанскиот сектор во Македонија. Поточно овие истражувања, и со тоа докторските дисертации треба да соберат, создадат и споделат знаење за поврзаноста и/или улогата на граѓанското општество со и во родовите прашања, меѓуетничките односи, миграцијата, доброто владеење, децентрализацијата и општо развојот на граѓанското општество, како и нивното практикување во самото граѓанско општество. Приоритет ќе се даде на темите во кои досега не се доделени грантови за стипендии, поточно на родовите прашања, доброто владеење и децентрализацијата.

За да биде подобен за грант во рамките на овој Повик за предлози, апликантот мора да биде државјанин на Република Македонија; Да биде запишан на докторски студии на универзитет или друга образовна институција која е лоцирана во Македонија и е акредитирана за докторски студии според Законот за високо образование; и Да има одобрена пријава за својата докторска дисертација од страна на овластен орган на универзитетот/ образовната институција.

Повикот ги содржи следните документи:

Грантовите за стипендии не смеат да бидат помали од 100.000 денари и не смеат да бидат поголеми од 200.000 денари и не смеат да траат помалку од 12 месеци или повеќе од 18 месеци.

Рокот за поднесување на пријавите е 31 декември 2016 година. Пријавите може да бидат поднесени во кое било време до овој датум.

Пријавите мора да бидат доставени до Цивика мобилитас по е-пошта, во чиј наслов треба да стои референтниот број за овој Повик, ЦМ-ФЕЛ-02 на следната адреса: cm-fel-02@civicamobilitas.mk Страниците од пријавата и прилозите, кои содржат потписи и печати треба да се испратат скенирани.

Цивика мобилитас ќе организира информативна сесија доколку има барање од заинтересираните универзитети/ образовни институции кои организираат докторски студии.

Заинтересираните може да ги испратат своите прашања по писмен пат преку е-пошта, во кое било време до 25 декември 2016 г. на: helpdesk@civicamobilitas.mk Ве молиме во насловот на пораката да стои референтниот број за овој Повик, ЦМ-ФЕЛ-02.

Цивика мобилитас ги поттикнува апликантите редовно да ги следат нејзините веб-страница и страница на Фејсбук, за да бидат навремено и соодветно информирани за најновите прашања и одговори.

Цивика мобилитас е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанското општество, која ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (СИПУ).