Во овој извештај ги анализираме податоците од истражувањето спроведено во општина Тетово кое имаше за цел да ја измери перцепцијата за родовата еднаквост кај жените во Тетово во 2010, како и нивните перцепции за дискриминацијата на жената на пазарот на труд. Истражувањето беше дел од проектот „Жените во македонската економија“ кој Реактор го спроведе во текот на 2010 година во четири општини: Тетово, Карпош, Струмица и Шуто Оризари. Проектот беше финансиски поддржан од страна на Европската комисија преку Инструментот за унапредување на демократијата и човековите права (European Instrument for Democracy and Human Rights – EIDHR) и Фондацијата Институт отворено општество – Македонија.