x
Мени

Десет дена Мировна Република

Во периодот од 16. март до 26. март 2018 година, Мировна акција – Прилеп & Тетово, го организира деветтиот по ред „Tренинг за соочување со минатото и изградба на мир“.

Ако…

  • сакаш да промислуваш и растеш интелектуално и емотивно,
  • си незадоволен/а од реалноста во која живееш и сакаш да ја менуваш, а не сакаш да бегаш од тука,
  • ти е важно да слушнеш што имаат да кажат другите околу тебе за темите, кои обично ги прескокнуваме, за кои шепотиме или ги споделуваме само меѓу „своите“,
  • ти треба сигурен простор за отворен дијалог, во кој ќе можеш да кажеш што те боли, што ти тежи и што ти треба за понатаму, сакаш да се чуеме најпрвин како луѓе, но и како носител(к)и на една, понекогаш тешка, лична и колективна историја,
  • си подготвен/а да влезеш во процес на преиспитување на сопственото делување
  • бараш простор, инспирација и сојузници за општествена промена,

ТОГАШ ОВОЈ ТРЕНИНГ Е ЗА ТЕБЕ!

ПРИЈАВИ СЕ

На тренингот нудиме простор за размена на различни погледи и приказни. Ја раслојуваме реалноста за да можеме да ја разбереме и критички да ги согледаме постојните општествени односи. Преиспитуваме и реконструираме. Ги отвораме болните теми од минатото, (особено оние поврзани со 2001г. и историјата на конфликти) со намера да ги направиме поподносливи за во иднина.

Некои од темите што ги разработуваме се: насилство, разбирање на конфликти, соочување со минатото, изградба на мир, ненасилна акција, родни улоги, дискриминација, како и идентитет и национален идентитет. Програмата е отворена и флексибилна, направена е да ги следи потребите, можностите и мотивацијата на учесниците/чките и се менува по потреба.

Тренерскиот тим го фацилитира процесот и тренер(к)ите лично учествуваат барајќи заедно со учесниците/чките разбирање и охрабрување за делување.

Тренингот е отворен за сите полнолетни граѓани и граѓанки на Република Македонија (нема горна старосна граница, ова не е само тренинг за млади). За учество на тренингот не е потребно да си член/ка на здруженија на граѓан(к)и или да си активен/на во некоја неформална граѓанска иницијатива.

Сите трошоци за учество на тренингот (патни трошоци, сместување и храна) ги покрива Мировна акција.

Најчесто, на тренингот работиме на македонски јазик, но секој/а учесник или учесничка, кој/а има потреба да зборува на албански јазик, тоа ќе може да го стори. Се обидуваме јазикот да го третираме првенствено како алатка за меѓусебно разбирање, а користењето на еден јазик овозможува полесно течење на процесот. Сите материјали се двојазични, на македонски и албански.